Monday, March 23, 2020

thumbnail

Земјите од Северниот регион на Европа

50. Шведска

1. ГЕОГРАФСКА ПОЛОЖБА И ГОЛЕМИНА
    Шведска е кралство сместено на источниот дел од Скандинавскиот Полуостров. На исток државата излегува на Балтичкото Море и граничи со Финска, од која е одделена и со Ботнискиот Залив. На југ од Данска е одделена со водите на протокот Категат. Покрај со Финска, копнена граница има и со Норвешка, со која граничи на запад. Во овие граници зафаќа површина од околу 450 000 км кв.
2. БРЕГОВА РАЗГРАНЕТОСТ И РЕЛЈЕФ
​     Бреговите на Шведска не се толку разгранети како бреговите на Норвешка и Данска, иако се одикуваат со голем број на помали острови, полуострови и заливи. Од островите поголеми се Готланд и Еланд.
     Низинските подрачја во Шведска главно се по брегот на Балтичкото Море и во појужните делови од државата. Кон границата со Норвешка релјефот се издигнува на поголема надморска височина. Во тој дел се простираат старите грамадни Скандинавски Планини. Највисоките предели на државата се простираат во северните делови и се нешто над 2 000 м н.в.
3. КЛИМА
    Климата е значително постудена за разлика од државите од Јужна и Западна Европа. Тоа се должи пред се на фактот што Шведска има посеверна географска широчина. Климатски се издвојуваат четири региони. Во јужните делови се застапени влијанија на Атлантскиот Океан, според што климата тука е атлантска. Кон средишните делови на државата климата е континентална, со пониски температури и помало количество на врнежи. Посеверно од 65-от степен с.г.ш. климата е субполарна, со средногодишни температури под 0 степени целзиусови. На Скандинавските планини климата е планинска.
4. ХИДРОГРАФИЈА
    Реките припаѓаат во сливот на Балтичкото Море, некои од нив се: Дал, Индалс, Луле и др. Шведска се одликува со голем број на езера. Тие се од ледничко потекло. Поголеми меѓу нив се: Венерн, Ветерн, Елмар и др.
5. НАСЕЛЕНИЕ
    Во Шведска денес живеат нешто над 10 милиони жители, со што државата спаѓа во редот на ретко населени земји, со околу 20-тина жители на км кв. И Шведска како и голем број на европски земји се одликува со висок удел на старо население, над 65 година возраст имаат над 20 % од населението. Освен Швеѓаните овде се застапени и Финци, како и голем број на доселеници поранешна Југославија, некои азиски држави и др. Според религиозната припадност најзастапени се протестантите, со над 60 % од населението.
6. НАСЕЛБИ
    Главен и најголем град во Шведска е Стокхолм (околу 1 милион жители), други поголеми градови се: Гетеборг, Малме, Упсала и други.
7. СТОПАНСТВО
     Во стопански поглед Шведска е една од најразвиените земји во Европа. Таа е богата со руди на: железо, бакар, злато, олово, цинк, никел и др. Особено голем производител е на железо, кое најмногу се експлоатира кај градот Кируна. Шведска е исто така богата и со шуми, тие покриваат 60 % од нејзината територија. Од полјоделските култури најзастапени се: пченица, јачмен, компир, овес и шекерна репа. Шведска се одликува и со развиено сточарство. Најразвиени индустриски гранки се: машинската, металската, хемиската, електротехничката и дрвната. Шведска увезува: градинарски култури и овошје, а извезува: руди и машини.

Subscribe by Email

Follow Updates Articles from This Blog via Email

No Comments

Powered by Blogger.