ФИНСКА
Површина:
338 145 км2
Население: 5.5 милиони жители
Главен град: Хелсинки
Официјален јазик: фински
и шведски
Брегова разгранетост. Бреговата линија
изнесува 1250 км, таа е доста расчленета со многу заливи (фјордови) и острови,
особено во југозападниот дел. Најголем е Оландскиот Остров, сместен на влезот
во Ботничкиот Залив.
Релјеф. Покрај Финскиот и Ботничкиот Залив се простираат
крајбрежни низини, внатрешноста на Финска е претежно брановиден терен со ниски
ридчиња и многубројни глацијални езера (околу 55 000).
Кон север е Лапонија и теренот полека се издигнува, па планинските предели се
простираат на крајниот северозапад, каде се издигнува највисокиот врв во
Финска, врвот Халтиатун (1324 м).
Клима. Финска има континентална клима, која е делумно ублажена
во јужните делови, како и супполарна клима во крајниот северен дел.
Хидрографија. Финска се нарекува “земја на езера” бидејќи ги има повеќе од 55 000. Најмногу езера има на
југ и југоисток на земјата. Најголемо е Сајма, други поголеми езера се Пјеско,
Инари, Оулу, Наси, Кеми, Пјелинен и други. Поголеми реки се Кеми, Оулу, Кими,
Торнио и др.
Почви и биогеографија. Најплодни се почвите во крајбрежните низини на југ и
југозапад, во внатрешноста преовладуваат подзолести почви, а на север
тундровите почви. По шумското богатство Финска е една од водечките европски
земји (под шума е околу 76 % од површината). Во крајбрежјето на југ растат
листопадните шуми, а кон север преминуваат во тајга. На север тајгата преминува
во тундра.
Население и населби. Финска има 5.5 милиони жители, просечната
густина на населеност е 16 ж/км2 и се вбројува во една од најретко
населените европски држави. Најгусто се населени крајбрежните области на југот,
а најретко кон север во Лапонија. Жителите се главно Финци (94%) - народ со
унагаро-финско потекло, Швеѓани и Лапонци. Според верската определеност
жителите претежно се протестанти, но има и православни, католици, евреи и др.
Официјални јазици се финскиот и шведскиот јазик.
Главен град е Хелсинки (1 мил.) други поголеми градови се
Еспо, Тампере, Турку, Ванта и др.
Државно уредување. Финска е парламентарна република.
Стопанство:
Земјоделство. Финското земјоделство го карактеризира мал дел на обработлива површина.
Главни производи се јачмен, зоб, пченица, ‘рж, компир, шеќерна репа и зеленчук. Сточарството е
најзначајна земјоделска гранка, најразвиени се млечното и месното производство
од говедарството, потоа свињарство и живинарство, а во северните делови од
земјата се одгледуваат крзнени животни и ирваси.
Рударство. Иако Финска има сиромашни минерални извори, сепак има големо влијание во
глобалната рударска индустрија, како светски лидер во рударската технологија,
преработка на руди и металургија.
Индустрија. Главни индустриски центри се на јужниот брег и во внатрешноста.
Најзначајни индустриски гранки се металната и машинската, потоа дрвната,
бродоградбата, електротехничката, прехрамбената, текстилната, стакларската и
други индустрии.
Трговија. Извезува машини и опрема, хемикалии, метали и др, а увезува прехрамбени
продукти, железо и челик, машинерија, текстил и др.
Туризам. Финска е туристички помалку посетена земја од соседните Шведска и
Норвешка, така што овде преовладуваат домашните туристи. Најпосетени се
Оландските Острови, приморските краеви на јужниот и југозападниот брег, езерата
во внатрешноста, а развиен е и селскиот туризам.
Сообраќај. Развиени се патниот, железничкиот, бродскиот и воздушниот сообраќај.
March 25, 2020
Tags :
Географија 8 одд
Subscribe by Email
Follow Updates Articles from This Blog via Email
No Comments